Понуда за управување со станбени згради

ХАБИДОМ ДООЕЛ Скопје е основано во jули, 2015 година со лиценца заведена под број 03-403/3 од 10.09.2015 година издадена од Регулаторна Комисија за Домување и се занимава со вршење на управувачки услуги, и тоа: редовно тековно и инвестиционо одржување на станбените згради на ниво на град Скопје. ХАБИДОМ ДООЕЛ Скопје e основано од Хабитат Македонија како дел од деловниот план 2016-2018 година и се стреми кон подобрување на квалитетот на услугите во областа на управување и одржување на станбени згради.

Предмет на оваа понуда е услугата која Друштвото за управување со станбени згради ХАБИДОМ ДООЕЛ Скопје ги нуди на Сопствениците од станбените згради односно во нивно име и за нивна сметка, да ги извршува следните работи:

  • Да ги извршува одлуките на Сопствениците;
  • Да се грижи за редовно одржување и функционирање на заедничките делови на Зградата;
  • Да ги застапува Сопствениците во работите на управување и во свое и/или во име на одделни сопственици да поднесува тужба за ослободување од обврската за плаќање односно тужба за задолжување за плаќање на трошоците на Сопственикот. Односно да поведе соодветна постапка пред надлежен нотар или суд за наплата на побарувањата на име неплатени сметки за одржување на зградата и/или други евентуални побарувања на Сопствениците. За водење на овие постапки, по свое наоѓање, Управителот е овластен да ангажира адвокат на товар на фондовите на Зградата и за истото да издаде полномошно во име и за сметка на Сопствениците, како и во свое име;
  • Да ги застапува Сопствениците пред управните органи во работите на издавање на дозволи и согласности и во постапките за упис на недвижностите и други управни постапки, во врска со станбената зграда и земјиштето, како и за други работи поврзани со управувањето, за кои постапки е овластен по свое наоѓање да ангажира адвокат на товар на фондовите на Зградата и за истото да издаде полномошно во име и за сметка на Сопствениците, како и во свое име;
  • Да подготвува план за одржување на станбената зграда, план со динамика за спроведување на овој план и се грижи за спроведување на планот. Истите ги предава на Сопствениците и предлага нивно усвојување. Доколку Сопствениците не го усвојат предложениот план за одржување со определената динамика, Управителот, до усвојувањето на планот ќе ги извршува само нужните и итните работи, поради обезбедување на функционална способност на заедничките делови и уреди, како и работите на управувањето кои произлегуваат од законски и други прописи;
  • Да подготвува пресметка на трошоците на управување на зградата и да ги распоредува трошоците меѓу Сопствениците;
  • Да ги прима уплатите на Сопствениците врз основа на месечна пресметка и да ги плаќа обврските од договорите склучени со трети лица;
  • Да ги информира Сопствениците за својата работа и да им доставува месечни пресметки, при што задолжително им доставува годишен извештај за управување со станбената зграда. Управителот може да поднесе и вонреден извештај за работата до Сопствениците ако самиот да одлучи за тоа или доколку Сопствениците тоа го побараат од него, не повеќе од два пати годишно, која се пресметува сметано од денот на склучувањето на овој договор;
  • Да формира фонд за редовно одржување и резервен фонд и да стопанисува и управува со истите согласно одлуките на Сопствениците и Законот за домување;
  • Да ги известува и опоменува Сопствениците за неплатените сметки, а по свое наоѓање да ангажира адвокат заради достава на опомена пред тужба, кој трошок ќе падне на товар на фондовите на зградата и ќе се рефундира директно од причинителот на трошокот;
  • Да води сметка за стандардите и нормативите за пристапност на лица со хендикеп во станбениот објект;
  • Да склучува договори со трети лица во име и за сметка на Сопствениците;
  • Да свикува Собир на сопственици и да раководи со истиот, не повеќе од 6 пати годишно било на барање на сопствениците или по свое наоѓање, а со претставникот на зградата задолжително да одржува средби еднаш месечно заради меѓусебно известување и координација на активностите;
  • Да предлага измени на Договорот за заемни односи;
  • Да ги осигурува заедничките делови на станбената зграда од пожар и врши плаќања на осигурителните премии на товар на фондовите на зградата, само врз основа на претходна одлука на Сопствениците;
  • Да ги врши работите – предмет на овој договор, како и други работи предвидени со закон.

За извршените услуги во областа на управување и одржување на станбените згради, сопствениците се должни да му плаќаат на Управителот вкупен месечен паричен надоместок во износ од 120 ден плус 18% ДДВ. На месечно ниво ги уплатуваат и/или треба да се уплатат во фондовите на Зградата, како и да му ги платат надоместоците и трошоците за дадените услуги утврдени во Ценовникот на Управителот кој е објавен на огласната табла на Зградата, кој може да биде предмет на промена.